На првиот ден од Дубровник форум, Османи со повеќе билатерални средби

11 јули 2021

Уште пред самиот почеток на пристојниот Дубровник Форумот, министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари повеќе билатерални средби, меѓу кои со заменик помошникот државен секретар и специјален претставник на САД за Балканот, Метју Палмер и со Забине Штер, ополномоштеник за ЕУ политики во МНР на Германија.

На средбите беше разговарано за стратешкото партнерство на Северна Македонија во евро-атлантската заедница, клучните реформски процеси како поддршка во таа насока и за следните чекори во однос на европските перспективи на земјата.

На состанокот со високиот претставник од САД, Метју Палмер, беа реафирмирани заклучоците од високиот панел во рамките на Преспа форумот за дијалог, а каде лично со свое присуство беше и специјалниот претставник Палмер. 

„Засилената обнова на трансатлантските врски, засилениот фокус на САД во однос на земјите од Западен Балкан, но и продлабочувањето на Стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД преставуваат заеднички геостратешки интереси кои остануваат важен приоритет во рамките на нашата надворешна политика“, изјави Османи на средбата.

„САД се особено важен стратешки партнер на Северна Македонија и нивната долгорочна визија за стабилен, просперитетен и интегриран регион во евроатлантските рамки е сериозен двигател на реформските процеси во овие земји. Оваа визија станува уште поцврста ако се има во предвид фактот дека истата ја делат и нашите европските сојузници и придонесува кон приближување на земјите од Западен Балкан кон членство во Европската унија“, дополни Османи.

На средбата со Забине Штер, во фокусот на разговорот беше европската перспектива на земјата, но и регионалниот аспект особено Берлинскиот процес, последните заклучоци што се донесоа во рамките на оваа иницијатива и активности што следат за нивно преточување во конкретни проекти.

Утре, Османи ќе биде говорник на панелот „Меѓународната заедница и земјите од Западен Балкан: како да ставиме крај на карантинот?“, а во агендата на министерот има и повеќе билатерални средби со високи претставници, учесници на Форумот.

 

Дубровник, 9 јули 2021 година