Амбасада на Република Северна Македонија во САД

Најнови вести

Заедничко соопштение за Стратешкиот дијалог Северна Македонија – САД

Во продолжение следува текстот на Заедничкото соопштение на Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави по повод Стратешкиот дијалог Северна Македонија – САД. 

На 2 јуни 2022 година, Владите на Северна Македонија и Соединетите Американски Држави одржаа Стратешки дијалог во Вашингтон, кој беше посветен на продлабочување на билатералното партнерство меѓу двете земји. Стратешкиот дијалог го предводеа Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, и Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, д-р Карен Донфрид. Тие ги потврдија цврстите односи меѓу двете земји и ја изразија својата подготвеност заеднички да придонесат кон постигнување напредок во исполнувањето на заедничките приоритети во врска со безбедноста и благосостојбата, како во билатералните односи, така и на европскиот континент и во целиот свет. 

Регионални иницијативи 

Северна Македонија и Соединетите Американски Држави ја нагласија нивната силна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и нејзиното право да остварува европска иднина според сопствениот избор. Тие ја повикаа Русија веднаш да ја прекине војната која ја започна без провокација и целосно да се повлече од Украина. Северна Македонија и Соединетите Американски Држави ја потврдија својата посветеност на регионалната интеграција на Западен Балкан преку политички, економски и безбедносни иницијативи и ја истакнаа својата поддршка за економската интеграција и просперитетот на Западен Балкан. Соединетите Држави ја подвлекоа важноста на напредокот во процесот на пристапување во ЕУ на Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро. Тие го поддржаа конструктивното вклучување на Северна Македонија во регионалните иницијативи за стабилност и безбедност, вклучувајќи ги Иницијативата VIII и Б6 кои беа покренати од страна на Северна Македонија, како и намерата на Северна Македонија да стане членка на Иницијативата „Три мориња“. Соединетите Американски Држави изразија подготвеност да ги поддржат активностите на Северна Македонија во рамки на нејзиното претседавање со ОБСЕ во 2023 година.

Одбрана и безбедност

Како најнов Сојузник во НАТО, Северна Македонија ја истакна својата посветеност кон промовирање на мир и стабилност на европскиот континент. Северна Македонија и Соединетите Американски Држави заемно ја истакнаа стратешката важност на развивањето најсовремени одбранбени капацитети, спроведување билатерални вежби и активности за обука за подобрување на интероперабилноста и подготвеноста, како и важноста од исполнување на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО за поддршка на колективната безбедност. Соединетите Држави ги препознаа постигнувањата на Северна Македонија во однос на модернизацијата и опремувањето на нејзините Оружени сили со напредни воени средства, како и нејзините напори за унапредување на нејзините капацитети за сајбер-безбедност и сајбер-одбрана. Соединетите Американски Држави изразија пофалби за развојот на полигонот за обука Криволак во Северна Македонија во целите на изведување сложени вежбовни активности од страна на сојузниците и партнерите во НАТО. Соединетите Држави го поздравија потпишувањето од страна на Северна Македонија на Договорот од 1951 година за статусот на Организацијата на Северноатлантскиот договор, државните претставници и меѓународниот персонал во неа (познат и како „Договор од Отава“). Северна Македонија и Соединетите Американски Држави ја реафирмираа заемната соработка во рамките на Јадранската повелба (А5), како уникатна платформа за регионална соработка, и изразија подготвеност за остварување тесна соработка за време на претстојното претседавање на Северна Македонија со Повелбата во 2023 година. 

Енергија и животна средина 

Двете земји повторно ја изразија својата посветеност кон зголемување на енергетската диверзификација и независност во поддршка на безбедноста на двете држави на начин со кој би се спречиле најсериозните влијанија од климатските промени, а преку одржување на можноста да остане остварлива границата на пораст на температурата од 1,5 Целзиусови степени на годишно ниво. Северна Македонија и Соединетите Држави ја реафирмираа својата посветеност кон зајакнување на партнерството во производството на транзициски и обновливи извори на енергија. Северна Македонија ги повтори своите заложби дека постепено ќе ја исфрли употребата на јагленот како енергенс до 2030 година и ќе придонесе кон целта на Глобалната заложба за метан за намалување на глобалните антропогени емисии на метан до 2030 година за 30 отсто во однос на нивоата во 2020 година.

Врски меѓу луѓето 

Северна Македонија и Соединетите Држави ја потврдија својата посветеност да ja прошират образовнaта, културната и професионалната размена кои поттикнуваат меѓусебно разбирање меѓу луѓето од двете држави и ги одразуваат заедничките вредности, аспирации и цели. Соединетите Американски Држави изразија пофалби за Северна Македонија за приклучувањето на земјата како полноправна членка кон Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот во 2022 година. Двете земји ја изразија својата подготвеност за зајакнато унапредување на споделувањето знаења и историски точното сеќавање за Холокаустот.

Билатерална соработка, добро владеење и владеење на правото 

Двете земји се посветени на промовирање на демократијата, владеењето на правото и човековите права како на регионално, така и на глобално ниво, и се надоврзуваат на заложбите кои ги истакнаа на Самитот за демократија чиј домаќин беше Претседателот Бајден. Годината на акција е можност за двете земји да ги спроведат заложбите на Самитот и да продолжат со напорите за зајакнување на демократијата дома, регионално и глобално. Соединетите Држави го поздравија интересот на Северна Македонија да стане земја партнер во рамките на Глобалната програма за влез во земјата која ја спроведува Царинската управа и служба за заштита на границите на САД.

Трговија и инвестиции 

Двете земји ја потврдија заедничката заложба за проширување и продлабочување на билатералната економска и комерцијална соработка. Соединетите Држави ја препознаа Северна Македонија како стратешки важен пазар во развој и кој поседува висок потенцијал за раст. Северна Македонија и Соединетите Држави изразија подготвеност да ги искористат можностите за трговија, да ги унапредат реформите насочени кон подобрување на деловната средина и да продолжат со утврдување и намалување на пречките за остварување трговија и инвестиции.

Изјави на Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, и Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, на средбата во Вашингтон

Османи му се заблагодари на државниот секретар Блинкен за гостопримството и исклучителната организација на Стратешкиот дијалог во Вашингтон, истакнувајќи дека ова е важен ден за Република Северна Македонија. “Отпочнувањето на стратешкиот дијалог меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија претставува значајна пресвртница во нашите севкупни билатерални односи и мислам дека е логичен чекор напред по 30 години воспоставени дипломатски односи и 15 години стратешко партнерство, а особено две години Сојузништво во НАТО”, истакна Османи. Според Османи овој моментум ќе отвори ново поглавје на соработка и ќе ја врами севкупната соработка на двете земји. “Ова е особено важно сега кога нашите вредности се оспорени; и ние земјите кои припаѓаме на демократскиот свет, кои споделуваме исти вредности, треба да бидеме тесно координирани за да се справиме со тие предизвици”, рече Османи. “Мислам дека врв на нашата соработка беше нашето членство во НАТО и ние сме благодарни за поддршката што ни ја давате. Тоа беше прва и најважна стратешка цел за Северна Македонија. Се трудиме овие две години да бидеме додадена вредност не само за Алијансата туку и во нашиот регион како конструктивен партнер на НАТО”, додаде Османи, заблагодарувајќи се на САД за поддршката во аспирациите на Република Северна Македонија за членство во ЕУ. “Ќе продолжиме да работиме заедно во надминување на споровите што ги имаме за да станеме членка на ЕУ и да го туркаме целиот регион во евроатлантско закотвување” заклучи Османи . Задоволство од иницирањето на Стратешкиот дијалог и од страна на Ентони Блинкен, државниот секретар на САД. “Ја цениме многу значајната реформска агенда на која се ангажираше Северна Македонија, за демократијата, за енергетиката, за регионалните економски иницијативи. Сите овие се значајни, важни се и ние многу ги поддржуваме”, истакна Блинкен.

“Силно ги поддржуваме амбициите на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ. Многу сакаме да видиме дека се движи напред и ќе продолжиме да го поддржуваме тоа на секој начин што можеме”, рече Блинкен.

“И, се разбира, имаме многу да зборуваме кога станува збор за руската агресија против Украина. Бевте во Киев во еден од деновите кога разговарав со нашиот пријател Дмитро Кулеба, тамошниот министер за надворешни работи, со нетрпение чекам да разменам мислења со вас за тоa”, заклучи Блинкен.

Отвораме ново поглавје на стратешкото партнерство меѓу двете земји

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на посетата на Вашингтон, оствари средба со државниот секретар, Ентони Блинкен. На средбата беше изразено задоволство од денешното одржување на Стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД, што претставува нов исчекор во билатералните односи и надградба на стратешкото партнерство меѓу двете земји.   „Нам ни претставува посебна чест што Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржува стратешки дијалог со САД, значаен процес преку кој се продлабочува нашето стратешко партнерство и поконкретно се врамува нашата билатералната соработка. Ваквиот исчекор во билатералните односи е уште една потврда за силното пријателство и взаемниот интерес за зајакнување на сојузништвото меѓу двете земји.“ – истакна Османи На средбата стана збор и за актуелните безбедносни состојби, при што беше изразена заедничка осуда на руската воена инвазија, како и силна поддршка и солидарност со Украина. Воедно, беше нагласено дека актуелните состојби налагаат нова динамика во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, со што ќе се потврди кредибилноста на ЕУ и ќе се охрабрат процесите за надминување на разликите и помирување во Регионот. „Процесот на проширување на ЕУ претставува безбедносно прашање, а европските перспективи на земјите од Западниот Балкан, и кредибилитетот на овој процес, од суштинска важност за регионалната и европската стабилност. Благодарни сме за силната американска поддршка за што поскоро започнување на процесот на преговори на Северна Македонија, што во моментов преставува и најдобриот начин да се зачува кредибилитетот на овие процеси,“ – истакна Османи. На средбата, министерот Османи го поздрави партнерството меѓу Северна Македонија и САД, особено во контекст на НАТО, истакнувајќи го притоа стратешкото партнерство меѓу двете земји, сега веќе надградено и со Стратешкиот дијалог, како еден од најважните столбови за долгорочната стабилност на Северна Македонија, како и за нејзината демократска и цивилизациска надградба.

   

Вашингтон, 2 јуни, 2022

Туристички дестинации

Манастир Јован Бигорски

Шарена Џамија, Тетово

Залив на Коските, Охрид